Генералниот секретар на ОН Бан Ки-мун изрази сериозна загриженост за ситуацијата во вториот по големина ирачки град Мосул, што е преплавен од терористи поврзани со Ал Каеда и ги повика сите политички лидер да се обединат против заканата со која се соочува земјата.
Бан остро ги осуди последните терористички напади во провинциите Анбар, Багдад, Дијала, Нинива и Салах ал Дин, во кои загинаа или се повредени десетина цивили, изјави денеска портпаролот на ОН Стефан Дујарич.
Генералниот секретар на ОН нагласи дека на заканите Ирак може да се спротивстави само на основа на Уставот и во рамките на демократскиот политички процес.
Бан, исто така, ја повика ирачката влада и курдските регионални власти да соработуваат во обезбедувањето на покраината Нинива, како и локалните племенски, религиозни и политички лидери да учествуваат на конференцијата за мир во Анбар.