Генералниот секретар на ОН Бан Ки-мун вчера ги повика сите страни итно да ги исполнат условите од Женевскиот договор за решавање на кризата во Украина, пренесува ИТАР-ТАСС.
Жителите на Украина треба да ги изнесат своите барања и желби со мирни средства, вклучително и преку учество на претседателските избори на 25 мај, изјави Бан Ки-мун, пред новинарите во седиштето на ОН.
На 17 април во Женева претставници на Русија, Украина, ЕУ и САД потпишаа документ за уредување на ситуацијата во Украина, според кој сите страни треба да се воздржат од секакво насилство, закани или провокации.
– Во Украина продолжува ескалација на конфликтот, особено во јужниот и источниот дел на земјата. Во последната недела имаше многу насилство и малку дијалог, изјави Генералниот секретар на ОН, додавајќи дека сите што го поткопуваат единството, територијалниот интегритет и стабилност на Украина треба да ги прекинат своите активности.
Според Бан Ки-мун властите во Киев се должни да продолжат да реагираат на таквите дејствија со максимална воздржаност и во согласност со украинското законодавство и меѓународните принципи во областа на човековите права.