Американскиот претседател Џо Бајден, на собирот за донации кампањата на Демократската партија во Сенатот во Њујорк, предупреди дека претседателот на Русија, Владимир Путин „не се шегува“ за употребата на оружје за масовно уништување во војната во Украина, објави Вашингтон пост.
Бајден истакна дека го познава Путин „прилично добро“ и верува оти рускиот лидер „не се шегува кога зборува за потенцијална употреба на тактичко нуклеарно оружје, биолошко или хемиско оружје, бидејќи неговата војска, ако може така да се каже, не се претстави на најдобар начин“.
– Не сме се соочиле со изгледите за Армагедон од деновите на Кенеди и кубанската ракетна криза. Мислам дека не постои нешто слично на способноста за лесно (користење) тактичко нуклеарно оружје што нема да заврши со Армагедон, посочи Бајден.
Додека британскиот весник Гардијан објави дека ако Русија употреби нуклеарно оружје, ќе ги стави САД и нивните сојузници во дилемата како да одговорат, а поголемиот број експерти предвидуваат дека ако Вашингтон одговори со воена сила, тоа ќе биде со конвенционални средства за да се избегне брза ескалација до целосна нуклеарна војна.
Извор: МИА