Австрискиот парламент вечерва усвои нов закон за исламот, што претставува прилагодување на стариот закон од 1912 година на новите околности и предвидува поголема правна сигурност за муслиманите, но истовремено забранува финансирање на верски здруженија и нивни раководители од странство.
Новиот закон е остро критикуван од Турција, главниот финансиер на голем број исламски институции во Австрија. Шефот на турската верска институција „Дијанет“ Мехмет Гермец оцени дека законот е дискриминирачки и дека претставува чекор назад.
Гермец за австриското државно радио ОРФ изјави дека усвојувањето на новиот закон е голема грешка, што Австрија ќе ја врати еден век наназад, во однос на верската слобода.
Законот, според него, ги загрозува единствено муслиманите и нивното постоење, а цел на критики е забраната за финансирање од странство на околу 60 од вкупно 300 имами во Австрија.
Австрискиот министер за надворешни работи Себастијан Курц изјави дека повеќе држави, меѓу кои Германија, Франција и Швајцарија покажале интерес за новиот закон во Австрија.
Во Австрија живеат околу 570.000 граѓани од исламска вероисповед.
Новиот закон предвидува воспоставување на исламско-теолошки студии и јасно се нагласува дека муслиманите мора да го почитуваат домашното законодавство и дека е неопходен позитивен основен став кон општеството и државата.
Исто така, со новиот закон јасно се кажува дека сите верски претставници, што се финансирани од странство, може да вршат функција до една година од стапување во сила на законот.