Дипломатските тензии меѓу Турција и Австралија, иницирани од коментарот на турскиот претседател на нападот на Нов Зеланд се смируваат откако Анкара соопшти дека изјавата на Реџеп Тајип Ердоган е извадена од контекст.
Изјавата на Ердоган следуваше по нападот на 16 март, што го изведе Брентон Тарант (28) од Австралија врз две џамии, при што уби 50 луѓе во Крајстчерч, Нов Зеланд.
Австралискиот премиер Скот Морисон изјави дека тензиите меѓу двете земји се намалени откако Кабинетот на Ердоган издаде соопштение во кое ја појаснува неговата изјава, пренесува Ал Џезира.
-Ние сме тука веќе 1.000 години и ќе бидеме до Судниот ден, рече Ердоган на собир по повод годишнината од Битката кај Галиполе во 1915 година, кога војниците на Отоманското царство ги поразиле војските на Велика Британија, Австралија и Нов Зеланд во обид да го заземат полуостровот.
Ердоган тогаш рече дека никој нема да го претвори Истанбул во Костантинопол.
– Вашите дедовци дојдоа овде и се вратија во ковчези. Не се сомневајте, ќе бидете вратени како вашите дедовци, рече тој.
Австралиските медиуми истакнуваат дека Битката на Галиполе заврши со голем број жртви на обете страни и оти поради тешкиот пораз претставува многу чувствителна тема во Австралија и Нов Зеланд.
Морисон рече дека таквите коментари се „многу навредливи“ и го повика турскиот амбасадор да ги објасни. Сепак, тој денеска изјави дека е направен напредок откако полтпаролот на Ердоган појаснил дека зборовите му се извлечени од контекст. Портпаролот Фахретин Алтун појасни дека Ердоган всушност реагирал на „манифестот“ кој напаѓачот го објавил на Интернет пред да го изврши масакрот.
„Зборовите на претседателот Ердоган, за жал, се извадени од контекст. Тој реагираше на т.н. „манифест“ на терористот кој уби 50 невини муслимани во Крајстчрч. Турците секогаш биле добри домаќини на посетителите од Австралија и Нов Зеланд“, напиша Алтун на Твитер.
„Во манифестот на терористот не е наведен како цел само Ердоган, туку и турскиот народ и турската држава. Додека држеше говор во Чанакале (Галиполе), тој ги стави своите изјави во историски контекст на нападите против Турција, во минатото и сегашноста“, појасни Алтун.
Морисон ја поздрави, како што ја нарече, модерацијата на ставовите на Ердоган, која доаѓа по острите коментари меѓу двете земји.
-Направивме напредок преку ноќ и веќе видовме модерација на ставовите на претседателот, изјави денеска Морисон, потенцирајќи дека Австралија и Турција, и народите од обете држави, имаат „исклучителна врска, изградена со текот на генерациите“.
Во меѓувреме, новозеландската премиерка Џасинда Ардерн рече дека министерот за надворешни работи и вицепремиер Винстон Питерс отпатувал за Турција да ги разјасни коментарите на турскиот претседател поврзани со масакрот во Крајстчерч, кој го нарече елемент на заговор против Анкара.
Ердоган го повика Нов Зеланд повторно да ја воведе смртната казна и предупреди дека Турција ќе се погрижи за сторителот ако тоа не го стори Нов Зеланд.