Австралискиот премиер Скот Морисон најави четиристепен план со кој би се олесниле ограничувањата поради коронавирусот и порача дека земјата ќе мора да вакцинира 80 отсто од возрасното население пред да размисли за повторно отворање на границите.
Оваа земја се бори со пандемијата на Ковид-19 многу подобро отколку многу други развиени земји, со нешто повеќе од 34.000 случаи и 924 смртни случаи.
Тоа е пред сè резултат на затворање на границите, локалните карантини и почитувањето на мерките за јавно здравје, но вакцинацијата во земјата е доста бавна и само 18 отсто од возрасната популација досега е целосно имунизирана.
Премиерот не изнел поконкретни детали за планот, но изразил уверување дека фазата Б, целосна вакцинација на 70 отсто од населението, би можела да биде реализирана до крајот на годината.
Сиднеј и неговата околина во австралиската држава Нов Јужен Велс во моментов се под повеќенеделно строго затворање што ќе трае најмалку до крајот на август.
Со ваквата мерка властите се обидуваат да се изборат со високо заразниот делта сој од кој во новиот бран со податоци од последните 24 часа заболеле 3.190 лица.
Делови од соседната сојузна држава Квинсленд започнуваат тридневно вонредно затворање откако државата регистрираше 6 нови случаи на делта сојот.