Европскиот комесар за миграција и внатрешни работи Димитрис Аврамопулос денеска силно ја поддржа идејата за создавање заедничка европска листа на „безбедни“ земји и се заложи азилантите од земјите од оваа група што побрзо да вратат во своите домови, јави Танјуг.
-Мислам, пред се, на азилантите од Западен Балкан и од Турција, рече Аврамопулос пред новинарите во Стразбур, додавајќи дека една петина, односно околу 100.000 од околу половината милион барања за азил кои се примени годинава, отпаѓаат на граѓаните од државите од Западен Балкан.
Аврамопулос, на прес конференцијата што ја одржа заедно со потпретседателот на Европската комисија Франсоа Тимерманс и со шефицата на европската дипломатија, Федерика Могерини, подвлече дека оние кои немаат право да останат во ЕУ треба што поскоро да бидат вратени преку програмата за реадмисија.
-Тоа ќе ги ослободи капацитетите за оние на кои помошта навистина им е потребна, рече тој.
Могерини потсети на вчерашниот говор на претседателот на ЕК, Жан-Клод Јункер, во кој, изложувајќи го планот за решавање на бегалската криза, тој побара формирање заедничка европска листа на безбедни земји, а меѓу нив ги смести сите формални и потенцијални кандидати за членство во ЕУ.
-Како што кажа претседателот Јункер, на лицата од овие земји нема автоматски да им биде одземено правото на азил, кое е неотуѓиво, туку нивните барања ќе бидат обработувани по забрзана процедура, укажаа таа.
Аврамопулос, пренесе Танјуг, посебно посочи дека како безбедни земји се сметаат оние во кои нема војни и прогон и во кои се почитуваат човековите права.
-Доколку дојде до масовно кршење на човековите права, ние секако ќе реагираме, порача тој.