Авионот на претседателот на Боливија Ево Моралес изврши вонредно слетување на аеродромот во Лас Палмас на Канарските Острови на патот од Виена за Боливија.
По слетувањето на цивилниот аеродром, авионот е рпенасочен кон воена база. Унијата на јужноамерикански нации Унасур го оквалификува како „чудно“ решението на голем број европски држави да не дадат дозвола за прелетување на авионот на боливискиот претседател.
– Чудно е тоа што се случува откако сите влади во ЕУ изразија вознемиреност од големата шпионска програма на САД, се вели во изјава на генералниот секретар на Организацијата, Венецуелецот Али Родригес.
Тој додава дека по иницијатива на Еквадор е испратена молба до државите-членки за итна седница на Унасур за да се разгледа инцидентот.
Претседателот на Боливија Ево Моралес им се закани денеска на Шпанија, Франција, Португалија и Италија со судски процес бидејќи не дозволија авионот со кој тој патувал да премине над нивното воздушно пространство.
Моралес ја даде изјавата на аеродромот во Виена пред да се качи во претседателскиот авион и да замине кон Ла Пас. Тој додаде дека имал чувство оти бил „киднапиран 13 часа“.
Претседателот го оквалификува потегот на тие држави како „атентат не за претседателот туку за целата нација, за целиот регион на Латинска Америка“. Моралес негираше дека официјални претставници муго проверувале авионот за евентуално присуство на американскиот бегалец Едвард Сноуден.