Авганистан и САД денеска ја потпишаа одамна подготвената спогодба за поддршка на безбедноста, што на американските војници ќе им овозможи да останат во оваа азиска земја по завршувањето на 2014 година, пренесоа светските агенции.
На церемонијата во Кабул новоназначениот авганистански советник за национална безбедност Мохамад Ханиф Атмар го потпиша документот со американскиот амбасадор во Кабул Џејмс Канингам.
Претседателот на Авганистан Ашраф Гани, на церемонијата по потпишувањето, изјави дека оваа спогодба е знак за фундаменталната промена во односите на неговата земја со светот.
Според претседателот, кој на својата должност стапи вчера, спогодбата за цел ја има „единствено безбедноста и стабилноста на Авганистан“.
Договорот го определува статусот на ограничениот контингент американски војници кои ќе останат во Авганистан по официјалното повлекување на сите странски војници од земјата, на крајот на годината.
На крајот на мај претседателот на САД Барак Обама ја соопшти својата одлука да почне финалното повлекување на американските војници од Авганистан. Сега таму престојуваат 30.000 американски војници, а се очекува до крајот на годината да останат 9.800, додека по завршувањето на 2015 година нивниот број да се скрати на половина, а по следната 2016 година од таму треба да се повлечат сите американски војници и офицери.
На истата церемонија беше потпишана и идентичната спогодба меѓу Авганистан и НАТО. Таа ја дава законската рамка за присуството на војниците од меѓународната коалиција и им гарантира правен имунитет во случај на прекршување на авганистанските закони.
Кога на крајот на декември годинава ќе заврши борбената мисија на НАТО во Авганистан, новата мисија во оваа земја ќе се нарекува „Решителна поддршка“ (Resolute Support) и главно ќе се занимава со обука на владините војници и ќе им дава поддршка во нивната борба со талибанците.