Основачот на Викиликс Џулијан Асанж синоќа порача дека следната година неговата интернет страница ќе објави уште милион документи, кои ќе ги погодат „сите земји во светот“.
Австралијанецот оваа изјава ја даде во рамки на говорот пред Божик, кој го одржа пред околу 80 приврзаници од терасата на амбасадата на Еквадор во Лондон, каде се наоѓа веќе шест месеци во обид да избегне екстрадирање во Шведска, која го бара поради обвинение за сексуално злоставување.
Тој порача дека ќе остане во дипломатското претставништво на Еквадор се додека Пентагон постоењето на Викиликс го третира како „злосторство кое трае“, а австралиската Влада не застане во одбрана на новинарството и работата на неговиот веб сајт.
Асанж стравува дека Шведска би можела да го предаде на американските власти поради објавувањето на Викиликс на стотици илјади доверливи документи на американски дипломати.
Доколку излезе од еквадорската амбасада, која деноноќно е надгледувана од британската полиција, властите ќе го уапсат поради кршење на прописите за условна слобода.
– Вратата е секогаш отворена за секој што сака да разговара со мене низ стандардна процедура или да ми гарантира безбеден излез, порача Асанж, додавајќи дека 2012 била „голема година“ за неговата организација.