Основачот на Викиликс, Џулијан Асанж (49) нема да биде екстрадиран во САД по обвинението за шпионажа, изјави денеска британската судијка Ванеса Бараитсер, објаснувајќи дека тоа би била репресивна мерка поради неговата психичка состојба.
Таа истакна дека Асанж најверојатно би извршил самоубиство доколку биде испратен во САД.
Американската администрација соопшти дека ќе поднесе жалба на пресудата.
Обвинителството во САД го обвини Асанж по 17 точки, како и една дека ја злоупотребил употребата на компјутерите околу објавите на Викиликс на воени и дипломатски документи пред една деценија.
Обвиненијата против него би можеле да му донесат и потенцијална затворска казна од 175 години.
Адвокатите на Асанж застанаа во негова одбрана со аргументи дека тој се однесувал како новинар и се повикал на Првиот амандман, кој особено ја нагласува слободата на говорот, за објавување документи што ги откриваат наводните незаконски дејствија на американската армија во Ирак и Авганистан.