Основачот на „Викиликс“ Џулијан Асанж го ангажирал познатиот шпански адвокат Балтазар Гарзон да му помогне да не биде екстрадиран во Шведска, каде е осомничен за силување и за сексуално насилство врз две жени.
Гарзон престојувал во Лондон и веќе се сретнал со Асанж во зградата на амбасадата на Еквадор, каде поранешниот австралиски хакер побегна пред еден месец откако и Врховниот суд на Велика Британија пресуди тој да им биде предаден на шведските правосудни власти. Асанж тврди дека во Шведска го бараат само за да им биде предаден на властите во САД, каде според него, му се подготвува судење за нелегалното објавување на провалените службени документи на Пентагон и на Стејт Департментот.
Гарзон по враќањето во Шпанија изјавил дека „ќе инсистира на фер судење“ за неговиот клиент. Шпанскиот адвокат, кој важи за експерт за човекови права, смета дека целиот случај околу Асанж од почетокот е „обвинувачки“ насочен против него, пред се, затоа што „како создавач на Викиликс обелодени политички неправди“ на неговата интернет страница.
Еквадорското Министерство за надворешни работи, во меѓувреме, соопшти дека Владата во Кито ќе чека до 12 август, до завршувањето на Олимписките Игри, за да ја соопшти својата одлука околу тоа дали ќе му даде политички азил на Асанж.
Шпанскиот адвокат стана познат во светот кога во 1998 година како судија на криминалниот суд во Мадрид издаде налог за апсење на поранешниот чилеански диктатор Августо Пиноче, додека тој се наоѓаше на лекување во Лондон. Гарзон минатата година и самиот беше обвинет во Шпанија за корупција, но тоа обвинување подоцна беше отфрлено.