Основачот на Викиликс, Џулијан Асанж денеска остро ја критикуваше поранешната американска секретарка и потенцијална кандидатка за претседателка на САД, Хилари Клинтон. Тој на Твитер напиша дека тие што ќе гласаат за Клинтон на изборите ќе гласаат за „бескрајна глупава војна“ која поттикнува ширење на тероризмот.
Според Асанж, Клинтон е „воен јастреб со лоша смисла за процена“ која добива „емотивен набој од убивање на луѓе“.
Асанж наведува дека има „години искуство со Хилари Клинтон и дека прочитал илјадници нејзини дипломатски телеграми“ кои укажуваат на „лоши политички одлуки“, што „директно придонеле“ за пораст на Исламска држава.
Тој тврди дека Клинтон ги прескокнала генералите од Пентагон за Либија, по што земјата е уништена и стана засолниште на ИД.
– Оружјето на либиската војска е украдено и стотици тони оружје се префрлени на џихадистите во Сирија, посочува Асанж.
Тој оценува дека Клинтон ништо не научила од сопствените грешки.
– Откако ништо не научи од либиската катастрофа, Хилари реши истото да го направи и во Сирија. Војната на Хилари го зголеми тероризмот, уби десетици илјади невини цивили и ги уназади човековите права на Блискиот Исток за повеќе стотици години, оценува Асанж.