Во Аргентина усвоен е декрет, што препорачува обврзна самоизолација за сите граѓани поради пандемијата со новиот коронавирус. Мерката стапува во сила денеска на полноќ и ќе важи до 31 март.
Претседателот на Аргентина, Алберто Фернандез изјави дека граѓаните ќе можат да ги напуштат своите домови само поради купување храна, лекови и други неопходни производи.
– Сите кои ќе се најдат на улица без некој од наведените причини ќе бидат казнети во согласност со кривичниот закон, посочи Фернандез, додавајќи оти жандармеријата и полицијата ќе контролираат дали се почитуваат мерките.
Во Аргентина од 12 март е прогласена вонредна сосотојба поради ситуацијата во здравствениот сектор. На сите лица, кои не се државјани на Аргентина забранет им е влез во земјата, а не се дозволени ниту јавни масовни настани, а училиштата се затворени. И овие мерки ќе важат до крајот на месецот.
Првиот заболен од новиот коронавирус во Аргентина е регистриран на 3 март. Досега инфицирани се 128 лица, од кои тројца починаа.