„Асошиејтед прес“ повикувајќи се на официјални лица на САД, тврди дека и покрај тоа што се стега воениот обрач околу сирискиот претседател, доказите против Асад се уште не се потврдени.
Американската агенција има сознание дека нема непобитни докази кои го поврзуваат сирискиот претседател Башар Ал Асад со наводните хемиски напади.
Изворите за „Асошиејтед прес“, наведуваат дека се уште не е јасно кој врши контрола врз залихата на сириското хемиско оружје и дека се наметнува прашањето дали Асад лично наредил таков напад.
Во извештајот од Канцеларијата на директорот на Националната разузнавачка служба, се наведува дека најверојатно силите на Асад се одговорни, но исто така е истакнато дека постојат празнини во американската разузнавачка слика, пренесе „Асошиејтед прес“.
Агенцијата потсетува дека американскиот претседател Барак Обама, објави дека сирискиот режим без сомнеж е одговорен за употребата на смртоносниот отров, од кој што како што тврдат сириските бунтовници, загинаа над 1.000 лица и дека подготовката за воена интервенција е прашање на моментот. Обама сепак истакна дека се уште не донел конечна одлука.
Експертите на ОН кои што истражуваат дали во нападот на Дамаск е употребено хемиско оружје, тврдат дека нивните анализи покажуваат употреба на овој вид оружје но дека им се потребни неколку дена за да донесат заклучок.
Британија која што беше меѓу првите држави кои што се залагаат за воена интервенција во Сирија , сега се соочува со остра дебата во парламентот.
Опозицијата нема намера, да го поддржи планот на премиерот Камерон за војна.
Од друга страна, светските медиуми пренесуваат дека и Русија, како и западните сили, складира воено оружје во близина на Сирија.
Како што се наведува Русија ќе испрати два брода во источниот Медитеран за да го зајакне присуството на морнарицата во тој дел на светот, поради добро позната состојба во Сирија, пренесе „Интерфакс“.
Во меѓувреме, генералниот секретар на ОН, Бан Ки Мун, денес побара уште време за да тимот од инспектори успешно ја заврши истрагата за наводниот напад.
Елена Георгиевска