Осум дена пред вториот круг од претседателските избори во Франција, одѕивот на француските гласачи би бил 72 отсто, според барометарот Ипсос Сопра/Стериа, спроведен за ФрансИнфо и Паризиен Ожурдуи, јави дописникот на МИА од Париз.
Претседателот во заминување Емануел Макрон ќе победи во вториот круг од претседателските избори против Марин Ле Пен, со резултат од 55,5 отсто наспроти 45,5 отсто, покажува најновиот барометар објавен денеска.
Пред пет години Макрон победи со 66,1 отсто од гласовите наспроти 33,9 отсто за Марин Ле Пен.
Според оваа анкета, осум дена пред вториот круг одѕивот би бил 72 отсто, ниво многу блиску до оној од првиот круг (73,7 отсто).
Меѓу Французите кои гласаа за Жан-Лук Меланшон во првиот круг од претседателските избори во 2022 година, 33 отсто имаат намера да гласаат за Емануел Макрон во вториот круг, 16 отсто за Марин Ле Пен и 51 отсто не изразиле намера да гласаат. Меѓу гласачите на Јаник Жадот, 59 отсто имаат намера да го изберат претседателот во заминување во вториот круг и 7 отсто Марин Ле Пен (34 отсто не кажуваат).
Исто така, 55 отсто од гласачите на Валери Пекрес ќе го изберат Емануел Макрон и 21 отсто ја претпочитаат Марин Ле Пен (24 отсто не се изјаснуваат).
Гласачите на Ерик Земур имаат намера да гласаат за Марин Ле Пен дури 76 отсто, а за Емануел Макрон само 9 отсто (15 отсто не се изјаснуваат).
Истражувањето е спроведено од 14. до 16 април, со онлајн анкета, според методот на квоти, со примерок од 1.676 лица запишани на изборните листи, претставници на француската популација на возраст од 18 и повеќе години.
Маргината на грешка варира помеѓу 0,7 и 2,4 отсто, во зависност од целниот резултат. Намерите за гласање не претставуваат прогноза за исходот од гласањето. Тие даваат индикација за односот на силите и динамиката на денот на истражувањето.
Извор: МИА