Околу две третини од Чесите, негативно ја оценуваат економската ситуација во земјата, а 21 процент сметаат дека таа е многу лоша, јави дописникот на МИА од Прага.
Последното истражување на Центарот за јавно мислење (ЦВВМ) покажува дека само осум проценти од чешките граѓани мислат дека економијата во земјата е поволна, додека речиси една четвртина не ја коментираат „ниту како добра, ниту како лоша“.
Во споредба со анкетите од претходните години, мислењата на Чесите не се драстично променети.
– Актуелната оценка на економската ситуација е слична на онаа во март 2012 година, иако во целост гледано луѓето се понезадоволни отколку пред три години, се вели во соопштението на ЦВВМ.
Од агол на возраста на анкетираните, оние на возраст од 15 до 19 години даваат попозитивни оценки за економијата, отколку луѓето над 60-годишна возраст.
Релативно помалку песимистични се студентите и оние кои имаат завршено средно образование.
Анкетата покажа дека речиси две петтини од учесниците се изјасниле дека имаат добар животен стандард. Од нив три проценти рекле дека тој е „многу добар“, а 35 проценти се изјасниле дека стандардот им е „речиси добар“.
Една петтина од Чесите се изјасниле дека живеат лошо, а две петтини пак сметаат дека нивните услови за живот „не се ниту лоши, ниту добри“.