Портпаролот на турскиот претседтаел Фахретин Алтун денеска најави дека Турција ќе воспостави безбедносна зона во североисточниот дел на Сирија откако заедно со Русија ќе утврди дали курдските сили се повлекоа од областа.
Тој на „Твитер“ потсети дека Турција и Русија им дадоа рок од 150 часа на курдските сили да ја напуштат зоната во Сирија.
– Истече времето. Со заеднички патроли ќе утврдиме дали терористите навистина се повлекоа, напиша Алтун на „Твитер“.
Претходно, рускиот министер за одбрана Сергеј Шојгу изјави дека заврши повлекувањето на курдските сили од северниот дел на Сирија.
– Повлекувањето на вооружените единици од територијата во која треба да се формира безбедносен коридор е завршено побрзо од предвиденото, изјави рускиот министер за одбрана Сергеј Шојгу.
Повлекувањето на курдските сили почна на 23 октомври, а требаше да заврши денеска.
Врз основа на договорот што минатата недела го постигнаа рускиот и турскиот претседател Владимир Путин и Реџеп Тајип Ердоган, курдските сили од Единицата за заштита на народот требаа да се повлечат заедно со своето оружје од североисточна Сирија во рок од 150 часа на 30 километри оддалеченост од границата со Турција.
Курдските сили се повлекоа од пограничната зона во која Турција на 9 октомври изврши офанзива врз нив. Офанзивата беше прекината неколку дена во согласност со договорот постигнат помеѓу Анкара и Вашингтон.
Припадници на руската воена полиција и сириската гранична полиција се распоредени во зоната со цел да го олеснат повлекувањето на Курдите.
По истекот на договорот на Путин и Ердоган предвидено е заеднички турски и руски патроли да бидат распоредени во зона оддалечена 10 километри од границата.