Неколки десетици илјади вработени во јавното здравство на Англија (НХС), вклучувајќи медицински сестри, бабици и вработени во Брзата помош, стапија денеска во четиричасовен штрајк, прв пат по 32 години, бидејќи Владата го одби барањето за зголемување на платата за еден отсто.
Синдикатите сакаат зголемување на платите за еден отсто за сите вработени во здравството, но Владата нагласува дека тоа би донело преголем трошок. Вработените сакаат со овој штрајк да извршат притисок врз министерот за здравство Џереми Хант.
Портпаролот на Одделението за здравство изјави дека е разочаран од оваа одлука на синдикатите, откако, според него, државата го зголемила буџетот за здравство од 2010 година за да вработи над 12.500 здравствени работници.
Синдикатите велат дека овој штрајк, прв за платите во изминатите повеќе од 30 години, ќе испрати јасна порака до Владата.
Во протестот учествуваа членови на синдикати со околу 400 илјади вработени, што ќе се одрази врз работата на здравствениот систем. Одделението за итни интервенции нема да штрајкува. Инаку во англискиот НХС се вработени дури 1,3 милиони луѓе. Штрајкот ја погоди претежно Англија и делови на Северна Ирска, а работата беше стопирана во периодот од седум до 11 часот.