Амнестијата која ја прогласи чешкиот претседател Вацлав Клаус во чест на одбележувањето на 20-годишнината од разделувањето на Чешката и Словачката федеративна Република (ЧСФР) и создавањето на самостојна Чешка, ќе опфати околу 20.000 луѓе, јави дописникот на МИА од Прага.
Првично се претпоставуваше дека од затворите ќе излезат околу 7.000 лица, но само до четвртокот надлежните судии со одлуки пропуштија повеќе од 4.000 лица.
Иако нема официјални информации од Министерството за правда, судиите кои работат на случаите за амнестија претпоставуваат дека овој број ќе биде неколку пати поголем од оној кој се претпоставуваше.
Помилувањето од помасовни размери опфаќа простување на изречени затворски казни изречени до 1 јануари 2013 година и за лица кои годинава ќе наполнат 70 години, а биле осудени на затворска казна до 10 години како и лица осудени на една година и две години затвор, а се уште не почнале да ја издржуваат казната.
Дел од амнестијата на чешкиот претседател е и намалување на казната затвор за лица осудени до две години. За нив преостанатото време од издржувањето на казната ќе се смета за условна казна.
Со одлуката се помилуваат и осуденици на јавно општествена работа и домашен притвор, а само нив ги има околу 12.000.
Амнестијата важи и за 340 обвинети кои се наоѓаат во домашен притвор.
Одлуката на Клаус не ги опфаќа кривичните дела сторени од бегалци и не се однесува на убиства или дела сторени против достојноста во сексуалната област, како и кривични дела против семејствата и децата.
Неколку часа по ослободувањето на првите осуденици полицијата евидентираше инциденти предизвикани од некои од амнестираните лица. Повеќето инциденти биле сторени под влијание на алкохол.