„Амнести интернешенел“ побара независна истрага за информациите дека во руските воздушни напади во Сирија загинале стотици цивили.
Оваа организација за човекови права ја обвини Москва дека на „срамен“ начин не ги признава жртвите, пренесе ДПА.
Од руска страна тврдат дека нивните сили погодувале само „терористички“ цели во Сирија и покрај доказите дека само во шест од нападите врз Хомс, Идлиб и Алепо, во периодот септември-ноември 2015 година, загинале најмалку 200 цивили, соопшти „Амнести интернешенел“.
„После некои од нападите тие одговарија на информациите за цивилни жртви, негирајќи дека убивале цивили; а после другите едноставно си молчеа“, посочи организацијата.
-Од решавачко значење е претпоставените прекршувања да бидат независно и непристрасно истражени, изјави Филип Лутер, директор на програмата на „Амнести интернешенел“ за Блискиот исток и северна Африка.
Во извештајот на организацијата за цивилните жртви, објавен денеска, се истакнуваат доказите дека е можно Русија во населените станбени реони во Сирија да употребувала забранети касетни бомби и неуправувачки бомби.
Врз основа на интервјуата со очевидци и преживеани од воздушните напади, во извештајот се наведува дека е можно руските власти, исто така, „да лажеле за да ги прикријат цивилните загуби во џамија при еден од воздушните напади, како и во полска болница во друг напад“.
-Во некои руски воздушни напади, се чини, директно биле напаѓани цивили или цивилни објекти, а биле погодувани станбени реони без никаква јавна воена цел и дури и медицински објекти, како резултат на што загинале или биле ранети цивили. Ваквите напади можат да се поистоветат со воените злосторства, посочи Лутер.