Централната команда на американската армија (ЦЕНТКОМ) денеска соопшти дека се уништени седум радари на територијата контролирана од милитантната група Хути во Јемен, како и едно беспилотно летало и два поморски беспилотни летала камикази во Црвеното Море.
„Овие радари им дозволуваат на Хутите да ги гаѓаат поморските бродови и да им се закануваат на трговските бродови“, се вели во соопштението на ЦЕНТКОМ.
Во него се додава дека милитантната група Хути „насочува и ги загрозува животите“ на граѓани на земји кои не се поврзани со конфликтот во Газа, иако тврди дека наводно дејствува во име на Палестинците.
„Заканата за меѓународната трговија што ја претставуваат Хутите всушност го отежнува обезбедувањето на многу потребната помош за народот на Јемен, како и на Газа“, се вели во соопштението.
Филипински морнар од либерискиот брод Тутор останува исчезнат откако бродот во средата бил нападнат од поморски дрон, предизвикувајќи пожар, соопшти американската војска.
Се додава дека во саботата бил спасен и екипажот на товарниот брод „М/В Вербена“, кој Хутите го погодија со два проектила во четвртокот во Аденскиот залив.
Хутите извршија повеќе од 50 напади на бродови од ноември, при што загинаа тројца морнари, запленија еден брод.
Хутите наведуваат дека најмалку 16 лица се убиени, а 42 се ранети во американското бомбардирање на позициите на групата од јануари.
Нападите на милитантната група Хути во Црвеното Море и Аденскиот Залив започнаа во ноември минатата година и ја нарушија глобалната трговија, а групата рече дека ги извршува нападите во знак на солидарност со Палестинците во војната со Израел во Појасот Газа.
Многу големи бродски компании го избегнуваат Црвеното Море поради нападите на Хутите и испраќаат бродови кои пловат меѓу Азија и Европа на многу подолг пат околу јужна Африка, што доведе до зголемување на трошоците за превозот.