Американскиот шеф на дипломатијата доаѓа во Газа, Палестинците се надеваат на прекин на огнот

Од:

Палестинците во Газа се надеваат дека посетата на американскиот државен секретар Антони Блинкен на регионот конечно ќе доведе до прекин на огнот за да се спречи израелски напад врз Рафа на југот на палестинската енклава, последното засолниште на палестинските бегалци.

Антони Блинкен е на пат кон Блискиот Исток, првпат откако Вашингтон се согласи на предлогот со израелски придонес за првиот долгорочен прекин на огнот.

Предлогот, кој минатата недела беше доставен до Хамас од катарските и египетските посредници, сè уште чека одговор од милитантите, кои бараат поголеми гаранции дека ќе стават крај на војната во Појасот Газа, која трае веќе четири месеци.

Вашингтон се обидува да спречи понатамошна ескалација на друго место во регионот, по два дена американски воздушни напади против проирански вооружени групи на Блискиот Исток.

Во меѓувреме, Израел продолжува со офанзивата и се заканува со нов копнеен напад врз Рафа, мал град во кој се засолнети повеќе од половина од жителите на Појасот Газа.

Предлогот за прекин на огнот, според извори блиски до преговорите, предвидува прекин на воените дејствија за најмалку 40 дена, а милитантите треба да ги ослободат преостанатите 253 заложници што ги киднапираа на 7 октомври. Исто така, предвидува испорака на хуманитарна помош за ублажување на хуманитарната криза и враќање на бегалците во нивните домови. Првиот прекин на огнот траеше една недела.

Израелската армија денеска соопшти дека нејзините сили убиле десетици Палестинци во борбите во северниот, центарот и јужниот дел на Газа во последните 24 часа.

Палестинските здравствени власти соопштија дека ги пронашле телата на 14 лица убиени во нападот врз Кан Јунис во текот на ноќта. Изминативе денови посочуваат дека спасувачите не можат да дојдат до многубројните загинати и ранети во тој град.

Според палестинските власти, во израелската офанзива досега загинале повеќе од 27.000 Палестинци, а се стравува дека уште илјадници се мртви под урнатините.

Израел објави дека убил 10.000 милитанти и изгубил 226 војници. Во нападот на Хамас врз Израел на 7 октомври, загинаа 1.200 луѓе.

Откако Израел минатата недела соопшти дека подготвува копнена офанзива врз Рафа, меѓународните хуманитарни агенции и ОН предупредија дека стравуваат од хуманитарна катастрофа бидејќи бегалците повеќе немаат каде да побегнат.

Палестинците стравуваат дека засекогаш ќе бидат протерани од енклавата во Египет, кој не ги прима.

Израелски официјален претставник изјави дека војската ќе се координира со Египет и ќе бара начини да ги евакуира повеќето бегалци на север, пред нападот на Рафа. Прекинот на огнот би го спречил тоа.

Нетанјаху нагласува дека сака „тотална победа“ и дека секоја пауза во борбите би била привремена се додека борците на Хамас се на слобода.

Хамас не сака да се согласи на прекин на огнот или да ги ослободи заложниците додека не добие гаранции дека Израел ќе се повлече и ќе стави крај на војната. Водачот на Хамас во егзил, Исмаил Ханија минатата недела рече дека ќе отпатува во Каиро за да го достави својот одговор на предлогот за прекин на огнот, но тој сè уште не го сторил тоа и Хамас не кажа кога.

Палестински функционер запознаен со разговорите изјави за Ројтерс дека Хамас ќе одговори „наскоро“, но дека останува на Блинкен да го притисне Нетанјаху да направи отстапки за да се постигне договор за прекин на огнот.

„Нетанјаху не сака да ја заврши војната. Тој сака договор за ослободување на заложниците. Ова е многу помалку од она на што ќе се согласи нашиот народ“, рече функционерот во интервјуто преку апликацијата за пораки.

„Хамас, Исламскиот џихад и другите фракции сакаат гаранции дека окупаторот ќе вети дека ќе стави крај на војната во Појасот Газа и ќе ги повлече своите сили од таму. Тоа се клучни барања“, рече тој. „Американците можат да го задржат Нетанјаху ако сакаат да ја прекинат војната и успешно да посредуваат“, заклучи палестинскиот претставник.

Би можело да ве интересира

ВИДЕО: Студентите на пропалестинските протести во Тексас се судрија со полицијата

Катерина Ѓуровски

ВИДЕО: Израел ја гранатира Рафа додека почнува новата рунда преговори за примирје

Катерина Ѓуровски

ВИДЕО: САД градат пристаниште за достава на помош во Газа

Катерина Ѓуровски

ВИДЕО: Над 300 тела пронајдени во масовна гробница кај болница во Газа

Хамас го одби предлогот за заложниците, сака да ја искористи ситуацијата со Иран тврди Израел

Катерина Ѓуровски

ВИДЕО: Погодено возило на УНИЦЕФ на влезот на Газа