Претседателот на САД, Џо Бајден и неговиот руски колега Владимир Путин, за првпат по изборот на Бајден разговарале по телефон, соопшти Белата куќа, додавајќи дека разговорот бил по иницијатива на руската страна.
– Владимир Путин му честиташе на Џозеф Бајден со почетокот на работата во својство на претседател на САД. Истакна дека нормализацијата на односите меѓу Русија и САД би била од интерес на двете земји и со оглед на нивната одговорност за одржување на безбедноста и стабилноста во светот, тоа би било од интерес и на меѓународната заедница, се вели во денешното соопштение од Кремљ.
Според Белата куќа, Бајден изразил загриженост околу ситуацијата со уапсениот руски опозиционер Навални и укажал дека САД „одлучно ќе ги заштитуваат своите интереси“.
Двајцата лидери разговарале за труењето на Навални, хакерските напади врз владини агенции на САД, како и за извештаите околу руските награди за „главите“ на американски војници во Авганистан.
– Претседателот Бајден истакна дека САД го поддржуваат суверенитетот на Украина. Тој јасно стави до знаење дека САД одлучно ќе дејствуваат за заштита на своите национални интереси во одговор на акциите на Русија коишто ни штетат нам и на нашите партнери, се вели во соопштението.
Кремљ во своето соопштение не ги споменува Навални и кибер-нападите, туку продолжувањето на Договорот за стратешко офанзивно вооружување и излегувањето на САД од договорот за отворено небо, нуклеарниот договор со Иран и Украина.
Според Блумберг, извори од Белата куќа укажале дека Москва барала телефонски разговор со Бајден уште минатата недела. Пред комуникацијата со Путин, Бајден разговарал си своите советници и со европските партнери, пред се францускиот претседател Емануел Макрон и германската канцеларка Ангела Меркел.
Главни теми на разговорот биле повлекувањето на САД од Договорот за отворено небо, проблемите со Заедничкиот продлабочен план за акција (нуклеарниот договор со Иран), регулирање на конфликтот во Украина, борбата со Ковид-19.
Двајцата лидери, исто така, разговарале и за Договорот за ограничување на стратешкото нуклеарно вооружување СТАРТ, кој администрацијата на Трамп го напушти пред една и пол година.
– Во најскоро време, двете страни ќе ги завршат неопходните процедури за натамошно функционирање на тој важен меѓународно-правен механизам за заемно ограничување на ракетно-нуклеарните арсенали, се прецизира во соопштението на Кремљ. Договорот истекува на 5 февруари.