Американскиот новинар Глен Гринвалд, кој пишуваше за шпиунската програма на Националната безбедносан агенција, НСА вчера изјави дека целта на програмата била властите во Вашингтон да го зајакнат своето влијание во светот.
Тој пред одборот на бразилскиот Сенат рече дека владата на САД лажела кога тврдела дека целта на спорниот програм на НСА е борбата против тероризмот.
Гринвалд кој што живее во Рио де Женеиро, неодамна објави дека според податоците на поранешниот соработник на НСА, Едвард Сноуден, американски шпиунски агенции ја прислушувале и бразилската претседателка Дилма Русеф, но и најголемата нафтена компанија „Петробрас“.
Бразилскиот Сенат ги истражува наводите за тврдењата кои што ги обелодени Сноуден, според кои Бразил бил мета на разузнавачките агенции од САД, Велика Британија и Канада.
Се очекува пред Сенатот да сведочат и бразилски министри и директорот на компанијата „Петробрас“.
Една од причините за истрагата е и да се утврди дали таа би можела да го загрози интегритетот на „Петробрас“, чии што акции би требало во октомври да се најдат на јавна понуда.
Елена Георгиевска