Мнозинството од Американците, или 63 отсто, не се согласуваат со начинот на кој претседателот Доналд Трамп се справува со истрагата за руското мешање во минатогодишните избори во САД, како и за врските на луѓето од претседателската кампања со функционери на Русија, покажува истражувањето што го направи телевизијата Си-Би-Ес.
Само 37 отсто од учесниците во анкетата се согласуваат со однесувањето и постапките на претседателот во досегашниот тек на истрагите.
Анкетата покажува дека дури 85 отсто од луѓето веруваат дека Трамп на приватната средба во Белата куќа зборувал со сега сменетиот директор на ФБИ, Џејмс Коми за текот на истрагата за „руските врски“.
Вкупно 48 отсто Американци се уверени дека во текот на таа средба претседателот барал од директорот на ФБИ запирање на истрагата, други 37 отсто сметаат дека се зборувало само за истрагата, а само 15 отсто веруваат дека двајцата воопшто не зборувале за овие работи.
Кога станува збор за аудио-лентите на кои бил снимен разговорот на Трамп и Коми, за кои се верува дека постојат, истражувањето на Си-Би-Ес отрива дека големо мнозинство од анкетираните смета дека какви било ленти или аудио снимки, доколку навистина постојат, би требало да бидат предадени на истрагата што ја водат сенатскиот комитет за разузнавање и од неодамна поставениот специјален советник.
Истражувањето на оваа телевизиска компанија доаѓа по обелоденувањето на податоците дека продолжува да се намалува поддршката на гласачите за претседателот, па сега со работата и политиката на Трамп се согласуваат и ја поддржуваат само 38 отсто од Американците.