Конфликтот меѓу САД и Иран добива на интензитет, а меморандумот за разбирање ретко се споменува. Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека САД постигнуваат „голем успех во Иран“ и дека резултатите од овие активности ќе бидат „видливи многу наскоро“.
„Постигнуваме голем успех во Иран и ќе ги видите плодовите од таа работа многу, многу наскоро“, рече Трамп, објави Си-Ен-Ен.
Трамп нагласи дека САД имаат „далеку најсилната и најмоќната војска насекаде во светот“.
„Ја изградив за време на мојот прв мандат и, за жал, сега сме принудени да ја користиме“, рече тој во своето обраќање.
Си-Ен-Ен објавува дека Трамп во моментов добива опции за проширување на американската воена операција во Иран додека ги разгледува следните чекори.
Изјавата на Трамп дојде, според „Тајмс оф Израел“, откако САД ја проширија својата воздушна кампања против Иран преку ноќ, таргетирајќи мостови како дел од поширока операција насочена кон инфраструктурата на земјата, со цел да се изврши притисок врз Техеран да ја олесни блокадата на Ормутскиот теснец.
По обвинувањата дека САД таргетираат цивилни цели и инфраструктура, портпаролката на Белата куќа, Каролин Ливит, исто така се огласи, велејќи дека американската војска никогаш не таргетира цивили. Кога беше прашана за состојбата на преговорите меѓу САД и Иран, таа рече дека разговорите продолжуваат затоа што Иран сака договор за запирање на американските напади.
„Причината за неодамнешните напади е тоа што Иран го прекрши меморандумот за разбирање“, рече таа, додавајќи дека Иран нападна комерцијални бродови во Ормутскиот теснец.
Според неа, Трамп останува отворен за дипломатско решение.
Трамп претходно изјави за Фокс њуз дека фотографиите што ги прикажуваат остатоците од американската ракета Томахавк меѓу урнатините на женското училиште Минаб во Иран не се реални, туку „веројатно генерирани со помош на вештачка интелигенција“.
На прашањето дали ќе го објави извештајот на американската војска за инцидентот, имено бомбардирањето на училиште во кое беа убиени повеќе од 175 луѓе, вклучувајќи ученички, Трамп рече дека тоа е прашање за војската.
„Можеби има причина зошто не го објавуваат“, рече Трамп.
Иранските власти објавија дека американските сили уништиле кула за контрола на поморскиот сообраќај во пристаништето Чабахар на југоистокот од земјата, наведувајќи дека станува збор за цивилен објект важен за безбедноста на пловидбата и работата на локалните рибари. Според соопштението објавено од новинската агенција Тасним, кулата била погодена од три ракети, а Техеран тврди дека станува збор за „целосно цивилна структура“. Иранските власти проценија дека нападот бил насочен кон инфраструктура важна за цивилната поморска пловидба и егзистенцијата на локалното население.
Во меѓувреме, Иранската револуционерна гарда вчера соопшти дека нападнала американски команден центар за специјални операции во Ал-Танф, Сирија, како одмазда за убиството на ирански војници во Ираншахр, објавија иранските медиуми. Гардата, исто така, соопшти дека Иран ја задржува целосната контрола врз Ормутскиот теснец и дека нема да се извезува нафта или гас преку него сè додека продолжуваат американските напади, објавија иранските новински агенции Мехр и Тасним.
Кинескиот и пакистанскиот министер за надворешни работи Ванг Ји и Ишак Дар вчера ги повикаа САД и Иран да ги прекинат непријателствата, да ги обноват контактите и да го продолжат дијалогот за постигнување сеопфатен мировен договор и изразија загриженост поради влошувањето на ситуацијата.
