Припадниците на џихадистичката милитантна група Ал Шабаб, соопштија на својата интернет страница, дека извршиле напад врз една воена база на војската на Кенија во Сомалија.
Во соопштението се вели дека нападот бил извршен рано изутрината, во база во јужните делови на Сомалија и дека при тоа биле убиени „повеќе од 50 кениски војници“, како и дека биле одземени борбени возила и оружје.
Кениските власти, меѓутоа, тврдат дека нападот бил одбиен, дека нема жртви меѓу Кенијците, како и дека џихадистите не навлегле во базата.
Во соопштението на кениските воени власти се тврди дека во текот на борбата, биле убиени „десетици исламистички бунтовници“.
Пред една година, Ал Шабаб, група која е составен дел од терористичката мрежа на Ал Каеда, на Рогот од Африка, тврдеше дека во сличен напад, врз базата кај градот Ел Аде, биле убиени над 100 Кенијци, но Владата во Најроби, до денес нема дадено потврда дали тоа е воопшто точно.
Кенија учествува со 3600 војници во здружените сили на Африканската унија, кои помогнати од ОН, учествуваат во мисијата во Сомалија против обидите на џихадистите на Ал Шабаб, да ја преземат контролата врз оваа источно африканка земја и да формираат своја, исламистичка власт во Могадишу.