Бројот на загинати во експлозиите на аеродромот во Кабул, кои вчера беа предизвикани од бомбаши самоубијци, се зголеми на најмалку 110, пренесува „Ал Џазира“.
Тасс наведува дека неколку илјади луѓе се уште се наоѓаат на аеродромот, во исчекување да го напуштат Авганистан.
Претходно денеска, талибанците соопштија дека најмалку 28 нивни членови загинале во бомбардирањата на аеродромот во Кабул, додека британските медиуми соопштија дека во нападите загинале најмалку 13 американски војници и 90 цивили.
Одговорноста за вчерашните напади во Кабул ја презеде ќелија на екстремистичката група Исламска држава -„Исламска држава-Хорасан“
Западните земји стравуваат дека талибанците, кои некогаш му обезбедија засолниште на водачот на Ал Каеда, Осама бин Ладен, ќе дозволат Авганистан повторно да се претвори во прибежиште на милитантите. Талибанците, пак, нагласуваат дека нема да дозволат земјата да ја користат терористите.
Терористичката организација „Исламска држава Хорасан“, која е одговорна за најновите напади, првично беше присутна во областа на границата со Пакистан, но воспостави уште еден фронт на северот од земјата.