Копнените борбени единици на американската војска нема да останат во Ирак по завршувањето на борбата со Исламска држава (ИД), соопшти денеска ирачкиот премиер Хајдер ал Абади, цитиран од американските медиуми.
Според него, сега на ирачка територија нема странски копнени единици, а американските војници, кои ќе останат во Ирак по уништувањето на џихадистите, ќе бидат советници. Тие ќе ги обучуваат ирачките сили за безбедност да бидат „во целосна готовност за идните безбедносни предизвици“.
И покрај тоа што американските војници практично учествуваат во борбените операции, заедно со ирачките сили, против ИД, Абади ја турка тезата дека тие работат само како советници, веројатно со цел да ја придобие парламентарната поддршка за нивното натамошно присуство, забележуваат американските медиуми.
Претставник на ирачката Влада изјави дека сите странски војници, кои ќе останат во Ирак, во иднина ќе се нарекуваат советници.
Изјавата на Абади беше пресретната од соопштение во кое се наведува дека неделава почнаа преговорите меѓу Вашингтон и Багдад за идниното останување на американските војници во Ирак.
Според официјални извори од двете земји, кои побарале анонимност, преговорите се во почетната фаза и „се уште ништо не е договорено“.