САД, заедно со уште 44 земји и со поддршка на Киев, го активираа Московскиот механизам на Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ).
Целта на активирањето на тој механизам е да се истражат наводите за присилно преместување на деца на делови од територијата на Украина под руска контрола и нивна наводна депортација во Русија, објави Стејт департментот.
Како што е наведено, побарано е Канцеларијата за демократски институции и човекови права (ОДИХР) да формира експертска мисија која ќе истражува дали во овој поглед е прекршено меѓународното право, дали се извршени воени злосторства или злосторства против човештвото.
Оваа мисија, исто така, ќе има задача да собира, консолидира и анализира какви било докази што би можеле да се споделат со релевантните механизми за одговорност, како и со националните, регионалните или меѓународните судови или трибунали кои може да имаат јурисдикција.
Московскиот механизам на ОБСЕ последен пат беше активиран на 28 јули 2022 година во врска со Русија, кога тоа го побараа САД и уште 44 земји.
Стејт департментот вели дека тие истраги документирале „широки прекршувања на човековите права и кршење на меѓународното хуманитарно право“ од страна на руските сили во Украина.
Московскиот механизам, усвоен во 1991 година, дава можност за членките на ОБСЕ да испратат експертски мисии за да помогнат во решавањето на одредено прашање или проблем поврзан со човековата димензија, односно човековите права и демократијата.