Меркел е столб на сигурноста. Без неа пукнатини ќе има уште повеќе
Фајненшел тајмс – Лондон
Попрецизно е тоа да се нарече паника, отколку заговор. Минатата недела поминав извесно време во друштво со членови на Христијанско демократската унија (ЦДУ) на Ангела Меркел. Како надворешен човек, бев зачуден што разговорите стигнаа до таму дали германскиот канцелар ќе заздрави по бегалската криза.
Некои сметаа дека таа има само неколку недели за да ги смени нештата. Без разлика на тоа што само до вчера таа се издигнуваше над сите европски лидери. Во еден миг, незамисливото стана вистина, а за некои од партијата и веројатно.
Други велат дека степенот на затегнатости ќе опадне, но колебањата на Меркел се доказ за стресовите кои во цела Европа ги предизвика бранот бегалци од Сирија, Ирак, Авганистан, Магреб и од земјите од Сахел во Африка.
Во источниот посткомунистички дел од континентот, напливот од мигранти налеа вода во мелницата на етничките националисти кои и така не ја прифаќаа вистинската идеја за либерална демократија. На Запад тој поттикнува националистички формации, како што е францускиот Национален форнт на Марин Ле Пен. На демонстрациите на екстремно десничарската Пегида во Германија, можеа да се чујат оратори кои жалеа што повеќе нема концентрациони логори.
Ако британскиот премиер Дејвид Камерон изгуби на референдумот за останување на Велика Британија во ЕУ, тоа ќе биде затоа што емоциите околу имигрантите се надвиснаа над економските интереси на Британците.
Меркел ретко била дефинирана како политичар кој цврсто стои на сопствените убедувања. Нејзината политичка долготрајност се должи на умешноста да наоѓа природен баланс меѓу барањата на Германците, и – ова треба да се одбележи – на нејзината безпоштедност при отстранување на потенцијалните ривали.
Епитетите со кои најчесто е опишуван нејзниот стил како лидер – понекогаш со нешто повеќе од нота на разочараност – се „претпазлив, обмислен и консензуален“.
„Мути“ (мама) Меркел, како што често ја нарекуваат, успеа да ги убеди своите сонародници дека ќе ја зачува Германија од разурнувачките пожари надвор од границите.
Германците беа сигурни дека таа нема да потклекне, дека е храбра и истрајна пред рускиот претседател Владимир Путин, и иако инсистира на иднината на еврото, ревносно ќе ги брани националните финансии. Повеќе од една деценија Германците имаа доверба во неа.
Меркел покажа исти вештини и во Европа. Оние кои ја гледаа како функционира на средбите на лидерите на ЕУ се восхитени од нејзината вештина да се однесува смирено во неприсилено комуницирање. Разменети реплики преку рамо со тој премиер, зделка склучена во кратка пауза за кафе со оној претседател, пријателско потчукнување по рамото со официјални претставници во потрага по допирни точки.
Меркел секогаш опстојуваше на германските интереси, и го избираше патот на компромис пред конфронтацијата.
Но, бегалската криза ја покажа Меркел во другата светлина: лидер подготвен да зборува – а и да делува – според сопствените убедувања, да излезе од комфорноста на фокусните групи и соцолошките истражувања. Нејзината одлука да прифати стотици илјади луѓе кои тргнале преку Балканот, беше поумно отколку што признаваат нејзините опоненети.
Дали би можела Германија навистина да изгради ѕид и да постави војници да го бранат? Би можела ли да ги натовари луѓето на специјални возови и да ги враќа на завојуваниот Блиски Исток? Во нејзината реакција, освен разум, имаше и срце.
Така е, велат моите пријатели од ЦДУ. И да, тоа што таа им кажа добредојдовте на бегалците на почетокот и се допадна на нацијата. Но, нивниот огромен број – Германија очекува над еден милион новодојдени до крајот на годината – и ги смени плановите. Градови и села се окупирани од луѓе кои надоаѓаат, а тоа можеби и нанесе фатална рана на канцеларот – па се засили чувството дека таа ја изгубила онаа исклучително важна контрола.
Политичарите никогаш не престануваат да го следат сопствениот рејтинг, а рејтингот на ЦДУ нагло падна. Нема очигледен кандидиат кој ќе ја замени Меркел, но како привремена варијанта која ќе се бори на парламентарните избори во 2017 година, се појавуваат контурите на министерот за финансии Волфганг Шојбле. Тој всушност за сето време чудно молчи.
Зад егоистичките планови се крие подлабок страв. Центристичките партии во Европа отстапија пред левите и десните популисти, затоа што нивните избирачи се исплашија дека тие веќе не можат да ја обезбедуваат нивната сигурност.
Во Германија, и покрај неприличното поведение на малата организација Пегида, центарот пеодолжува да опстојува. Но, дали сега Меркел не ја губи контролата по прашањето кое до голема мера се поврзува со културниот идентитет?
Според мене, одговорот е „не“. Но, ако политичарите ги фати паника, се е можно. Одблизу набљудував како нејзината партија се оддалечува од Маргарет Тачер – друг влијатеен лидер кој изгледаше непобедив, се додека не падна. Таа исто трипати победи на избори. Иако не беше многу популарна во 90-те години на минатиот век, додека тоа не се случи, изгледаше незамисливо дека нејзините колеги ќе и свртат грб со таква жестина.
Но, кај Меркел залогот е многу поголем. Финансискиот крах, кризата со еврото и паѓањето на шенгенскиот систем на отворени граници, започнаа да го нишаат единството на Европа, додека центристичките партии на континентот се обидуваат да се справат со предизвиците на популистите, Меркел беше столбот на сигурноста – водачот кој ја имаше моќта да ги натера дека „шоуто мора да продложи“. Без неа пукнатините ќе се множат.
Шојбле исто е проевропеец, во некои односи дури попредан интернационалист. Но, Меркел беше чуварката на она што се создало по 1989 година, договор кој ја зацврсти европската суштина на Германија. Нејзиното отстранување би ги изместило нештата кон кампот на оние понесени од потесногради, понепосредни планови во свој интерес и кои отстапуваат од идеалот за европска Германија, а тоа ќе биде почеток на крајот.