Администрацијата на претседателот Доналд Трамп ги прошири овластувањата на американските воени сили во изведувањето напади во Сомалија врз исламистичките бунтовници од Аш Шабаб, кои имаат тесни врски со Ал Каеда, соопшти Пентагон, цитиран од француските медиуми.
Според анонимен претставник на американското Министерство за одбрана, новите овластувања на американските војници ќе им дозволат да изведуваат напади без да треба да докажуваат законска самоодбрана, давајќи им можност за поагресивни дејствија.
Освен тоа, командантот на американските сили во Африка, генерал Томас Волдхозер добива поголема автономија при донесувањето одлуки за изведување напади.
-Претседателот го одобри предлогот на Министерството за одбрана за водење дополнителни борбени дејствија за поддршка на мисијата на Африканската унија во Сомалија, соопшти портпаролот на Пентагон, Џеф Дејвис.
Тој додаде дека дополнителната американска поддршка ќе овозможи засилување на притисокот врз Аш Шабаб.
Одлуката ја следи тенденцијата, демонстрирана од администрацијата на Трамп, да им се дава поголема слобода на воените команданти, одобрувајќи им поголема автономност при дејствијата и им се одобруваат поагресивни напади при активностите во некои земји, забележуваат француските медиуми.