Премиерот на Етиопија Абиј Ахмед изјави дека е „почестен и возбуден“ поради тоа што е добитник на годинашната Нобелова награда за мир.
– Почестен сум и возбуден. Многу ви благодарам. Тоа е награда за Африка, Етиопија и можам да замислам колку останатите африкански лидери позитивно ќе гледаат на процесот на градење мирот на нашиот континент, рече Абиј.
Во телефонскиот разговор со секретарот на Норвешкиот Нобелов комитет, тој повтори дека е среќен и воодушевен од наградата и истакна дека тоа е големо признание за него.
Нобеловата награда за мир му беше доделена денеска на етиопскиот премиер за неговите напори за постигнување мир и меѓународна соработка, особено за неговата одлучна иницијатива за решавање на пограничниот конфликт со соседна Еритреја, се вели во образложението на наградата.
Меѓународни организации и светски лидери веднаш ја поздравија одлуката на норвешкиот Нобелов комитет признанието за мир да го додели на етипскиот премиер.
Генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш изјави дека честопати рекол дека „ветровите на надеж сè посилно дуваат во Африка“ и дека овогодинешниот лауреат е една од главните причини за тоа.
Гутереш, преку соопштение, истакна дека му било чест што присуствувал на потпишувањето на мировниот договор меѓу Етиопија и Еритреја со кој се стави крај на еден од најдолгите конфликти во Африка.
Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг на Твитер напиша дека Ахмед покажал дека мирот е можен со „трпеливост, храброст и убедување“.
„Со својата храброст, тој гради мостови во регионот, обновувајќи ги мировните преговори по 20-годишен застој со Еритреја“, оцени Европската комисија на Твитер по повод Нобеловата награда за мир за Ахмед Абиј.
Премиерот на Етиопија доби честитки и од најголемиот дел од лидерите во Африка.