Претседателскиот кандидат на изборите во Авганистан, Абдула Абдула изјави денеска во Кабул дека нема да ги прифати изборните резултати.
Неговата изјава доаѓа по соопштувањето на првичните резултати од вториот круг на изборите, што се одржаа на 14 јуни, според кои убедливо води поранешниот министер за финансии Ашраф Гани.
Тој има освоено 56,44 отсто, додека Абдула има добиено 43,56 отсто од гласовите на Авганистанците.
Абдула, кој е поранешен авганистански министер за надворешни работи, веднаш се спротивстави на ваквиот распоред на гласовите, тврдејќи дека е направена измама. Абдула имаше солидна предност пред Гани, по првиот изборен круг, откако сосема малку гласови му недостасуваа уште тогаш да биде прогласен за победник и за нов претседател на Авганистан.
– Нема никогаш да прифатам измамничка влада, рече Абдула пред голем број свои симпатизери, што се одржа во авганистанскиот главен град.
Неговите поддржувачи носеа транспаратенти на кои пишуваше „смрт за Хамид Карзаи“ досегашниот авганистански претседател и извикуваа пароли за поддршка на Абдула.
Овие претседателски избори треба да бидат историска транзиција во Авганистан, затоа што преку нив би требало да се изврши првиот демократски трансфер на власта.
Во оваа средноазиска земја, политичките разлики и несогласувања многу често се изразуваат врз основа на етничката припадност.
Официјален Вашингтон побара детална проверка на изборните резултати, а државниот секретар Џон Кери предупреди дека САД би можеле да ја прекинаат финансиската помош доколку се случи нерегуларен пренос н власта.