Тимот на Абдула Абдула, кандидатот за претседател на Авганистан, денеска не учествува во проверката на резултатите од вториот изборен круг, по што се поизвесно е дека ќе дојде до распламтување на политичката криза во земјата, изјави неговиот портпарол.
Според француските медиуми, Абдула вчера на изборната комисија и постави ултиматум -ќе се откаже од натпреварот доколку не биде земено предвид неговото барање фалсификуваните гласачки ливчиња да се прогласат за неважечки.
Тој денеска се уште ја немаше донесено конечната одлука, па затоа сомненијата остануваат, посочуваат француските медиуми.
– Продолжуваат разговорите со ОН (кои го следат повторното пребројување). Ако има резултат од нив ние ќе се вратиме, ако не – тоа ќе значи крај, изјави Фазел Ака Хусеин Санчараки Абдула, портпаролот на кандидатот Абдула.
Денеска попладне по локално време ревизијата се уште не беше почната, констатираа западни репортери.
Заканите на Абдула можно е под прашање да го стават и легитимитетот на Ашраф Гани, доколку овој службено биде избран за претседател на земјата, забележаа западните агенции.
На 17 јули изборната комисија спроведе ново пребројување на околу 8,1 милиони гласачки ливчиња, употребени во вториот изборен круг од 14 јуни, за да ги надмине разликите меѓу изборните тимови на двајцата кандидати.
Деновиве, под надзор на ОН, комисијата пристапи кон целосна проверка на сомнителните гласови за да ги отстрани сите фалсификувани гласови. Проверката, меѓутоа, може да биде повод за нови разлики меѓу двајцата соперници и уште повеќе да го забави стапувањето на должноста на новиот претседател.