Абас разгледува план за повторно поднесување резолуција за Палестина во СБ на ОН

Од:

Палестинскиот претседател Махмуд Абас изјави дека со Јордан ги разгледува плановите за повторно поднесување на резолуцијата до Советот за безбедност на ОН, во која се повикува на основање палестинска држава. Резолуцијата за пелестинската независност минатата недела беше отфрлена заради недоволен број гласови.

Јордан е членка на СБ, а неколку други непостојани членки на ова тело се заменети од почетокот на новата година. Палестинците се надеваат дека некои од овие држави ќе бидат повеќе наклонети кон нивната резолуција во која се бара израелско повлекување од окупираните територии и независност на Палестина до крајот на 2017 година. Извесно е, меѓутоа, дека САД, кои имаат право на вето, повторно ќе гласаат против, како што гласаа и на 30 декември.

– Повторно ќе одиме до Советот за безбедност. Зошто да не? Можеби веќе за една недела, рече Абас во неделата на еден собир во Рамала, на Западниот брег, каде се наоѓа седиштето на Палестинската управа.

– Ние тоа го разгледуваме и со нашите сојузници, а посебно со Јордан, ќе ја разгледаме можноста повторно да поднесеме резолуција, најави Абас.

За палестинската нацрт резолуција во вторникот гласаа осум земји, вклучувајќи ги Франција, Русија и Кина, со пет воздржани, меѓу кои беше и Велика Британија. Австралија и САД гласаа против.

На повтореното гласање резолуцијата пак ќе биде отфрлена, наведуваат светските агенции.

САД имаат право на вето, како една од петте постојани членки на СБ на ОН, што брои 15 земји и најавија дека ќе го блокираат планот на Абас бидејќи го сметаат за едностран и непродуктивен.

Абас веќе следниот ден, потпиша 20 меѓународни конвенции, вклучувајќи го и Римскиот статут на Меѓународниот кривичен суд, со што се отвора можност за судење за злосторствата сторени на палестинска земја и веднаш создаде судир со Израел.

Во одговорот на овој потег на Абас, Израел во саботата најави дека ќе го блокира трансферот на 500 милиони шекели (125 милиони долари) приход од данок што го собира во име на Палестинците, што претставува удар за палестинската Влада бидејќи има недостиг од пари во готово.

– Сега се во сила санкции – тоа е во ред. Постои ескалација – тоа е во ред, но ние туркаме напред, рече Абас.

Во текот на викендот еден правен експерт процени дека првиот случај што Палестинците ќе го пријават во МКС ќе бидат злосторствата на Израел во текот на минатото лето, вклучувајќи ја и седумдневната војна против Хамас во Појасот Газа.

Главниот палестински преговарач Саеб Ерекат потврди дека Газа ќе биде еден од случаите доставени до судот, но, исто така, најави дека ќе биде доставен и фајл за ширењето на еврејските населби на Западниот Брег, што е окупиран уште од 1967 година.

Израел, од своја страна, се закани дека ќе преземе уште поостри мерки против Палестинците заради нивната одлука да му се придружат на МКС.

– Нема да дозволиме војниците и офицерите на ИДФ (израелската одбрамбена армија) да се одвлекуваат во Меѓународниот кривичен суд во Хаг, рече израелскиот премијер Бенјамин Нетанијаху.

Би можело да ве интересира

Борел: Земјите-членки на ЕУ поделени за палестинското прашање

Како гласаa Македонија и регионот за резолуцијата со која се зацврстува статусот на Палестина во ОН

Борел: Шпанија, Малта, Ирска и Словенија ќе ја признаат Палестина

Генералното собрание на ОН треба да ја поддржи кандидатурата на Палестина за членство

ОН наскоро ќе гласаат за можноста за меѓународно признавање на Палестина

Катерина Ѓуровски

Си Џинпинг: Кина го поддржува полноправното членство на Палестина во Обединетите нации