Автомобилската компанија „Тојота“ денеска го слави својот 75-ти роденден. Компанијата во 1937 година го произведе својот прв модел АА.
Производниот план за оваа година изнесува десет милиони возила, компанијата може да се пофали дека досега произвела над 200 милиони автомобили, а ширум светот продала четири милиони хибридни возила.
Кон средината на 1930 година младиот Кичиро Тојода го согледал потенцијалот на масовното производство на автомобили, наменети за пошироката јавност и следните години успеал да го убеди својот татко, текстилниот произведувач и сопственик на „Тојода Аутоматик Лум Воркс“ во фабриката да отвори и автомобилско одделение.
Така малото одделение прераснало во фирмата „Тојота мотор корпорација“ во 1937 година. Моделот „Г1“ беше лансиран две години пред основањето на корпорацијата, а првиот патнички автомобил АА седум излезе на патиштата во 1937 година.
Првиот претседател на компанијата беше Рисабуро Тојода. Во 1940 година „Тојота“ го лансираше моделот АЕ како национално возило, со кое беше прославена 2.600 годишнината на Јапонија.
Поради недостиг на суровини во 1944 година создаден е моделот КЦ, познат како „еднооки“. Првите испораки на возила за американскиот пазар почнаа во 1957 година, а две години подоцна почна и производството на ленд крузерот надвор од Јапонија, во Бразил. Првото производство на „Тојота“ во Европа се случи во 1971 година со моделот „корола бај Салвадор Каетано“.
Паралелно со патничката програма „Тојота“ развиваше и спортски возила, кои се натпреваруваа и победуваа на светските шампионати.
За компанијата беше важна 1997 година, кога во Јапонија беше претставено првото во светот масовно произведено хибридно возило „приус“, кое по десет години достигна милион продадени примероци. Две години подоцна „Тојота“ можеше да се пофали дека го надминала глобалното производство од сто милиони возила.