Најмалку 36 членови на Конгресот на САД оваа недела пријавиле дека во нивните канцеларии пристигнале сомнителни пратки, од кои некои содржеле бела прашкаста материја.
Слични пратки пристигнале и во изборните канцеларии во најмалку 10 сојузни држави, соопштија официјални лица, додавајќи дека е во тек истрага.
Во неколку случаи, канцелариите биле евакуирани поради сомнителните писма, при што интервенирале полицијата и тимовите за справување со опасни материи, пренесува Си-Ен-Ен (CNN).
Засега нема извештаи за повредени лица, а во најмалку шест случаи е утврдено дека материите се безопасни.
Писмата испратени до канцелариите на членовите на Конгресот се предмет на истрага од страна на Поштенската инспекциска служба на САД, Федералното биро за истраги (ФБИ) и Полицијата на Капитолот, се наведува во е-пораката испратена до вработените на Капитол Хил од страна на наредникот на Сенатот (Sergeant-at-Arms).
Од ФБИ изјавија дека повеќе сомнителни пратки биле испратени на различни локации низ земјата, вклучително и во канцелариите на државните секретари (кои во САД се одговорни за изборите) и нивните изборни оддели.
Некои од писмата содржеле непозната материја, а истражителите работат на идентификување на испраќачот.
Сè уште не е познато дали постои поврзаност помеѓу пратките испратени до изборните канцеларии и оние испратени до членовите на Конгресот.
Меѓу политичарите чии канцеларии добиле сомнителни пратки е и републиканскиот сенатор од Тексас, Тед Круз; во неговата канцеларија во Хјустон вчера пристигнало писмо што содржело бел прав. Круз изјави дека обидите за заплашување на политичките противници се неприфатливи.
Сомнителни пратки добиле и канцелариите на републиканската сенаторка од Мејн, Сузан Колинс, демократската сенаторка од Њујорк, Кирстен Џилибранд, како и демократскиот сенатор од Џорџија, Рафаел Ворнок.
Некои од пратките биле пресретнати пред да стигнат до своите одредишта.
