Во два инциденти во Југоисточен Авганистан загинаа најмалку 33 лица, а 18 се повредени.
Група талибанци утрово нападна контролен пункт на полицијата во провинцијата Газни. Тоа е втор талибански напад за помалку од 24 часа.
– Околу 30 до 40 талибански бунтовници го нападнаа полицискиот контролен пункт во областа Гилан и отворија оган врз полицајците. Во реонот беа испратени дополнителен број војници. Талибанците се повлекоа по 4,5 часа престрелка со полицијата, армијата и меѓународните сили, при што се убиени 21 бунтовник, а 17 се повредени, изјави претставник на локалната власт.
Меѓу загинатите е и командантот на локалната полиција, а војник на НАТО, најверојатно Американец, е повреден.
Осум талибански бунтовници синоќа загинаа во дистриктот Андар откако експлодирала експлозивната направа што ја пренесувле. Бомбата требало да биде поставена во џамија.
– Во инцидентот загинаа и тројца цивили, а повредени се четворица, изјави портпаролот на Министерството за внатрешни работи на Авганистан.