Најмалку 20 лица, меѓу кои 8 деца, се убиени денеска при напад во село во северниот дел на Сирија, објави сирискиот Центар за набљудување на човековите права.
Нападот го потврдуваат фотографии направени од сириската опозиција, поставени на Интернет, на кои се гледаат крвави тела како лежат на ќебиња.
Меѓу жртвите во нападот врз селото Кахтанија, во провинцијата Рака, имало и три жени.
Засега не е познато кога точно е извршен нападот, во кој се повредени десетици луѓе. Голем број од нив се пренесени во болници во соседните населени места.
Сирискиот Центар за набљудување на човековите права тврди дека сите жртви и повредни се селани и дека меѓу нив немало бунтовници.
Претходно селото беше сцена на ескалација на тензиите, откако сириските бунтовници преземаа неколку операции во оваа провинција во близина на турската граница.