Најмалку 12 лица загинаа, а околу 30 се повредени во експлозија на автомобил бомба во близина на градот Пешавар, во северозападниот дел на Пакистан, соопштија локалните власти.
Експлозијата се случила во близина на Канцеларијата на централната управа на бегалскиот камп Џалозај, каде првично беа сместени авганистански бегалци, но сега се наоѓаат илјадници раселени семејства поради борбите меѓу владините сили и бунтовниците во околните племенски региони.
Досега има 12 мртви и над 30 повредени, изјави началникот на окружната полиција Мохамад Хусаин.
Засега никој не презема одговорност за нападот, извршен ден откако претседателот Асиф Али Зардари го објави 11 мај за датум на парламентарните избори во земјата.