Камионче пристигна пред домот на Катица Јанева со кое најверојатно се конфискува мебелот на специјалната јавна обвинителка.
Обвинителството денеска соопшти дека Јанева се стекнала со имотна корист 298.000 денари (нешто помалку од 5 илјади евра), претежно во мебел и во предмети. Јанева, според обвинителството, имала намера да му ја олесни положбата на Камчев со тоа што под неизменети околности притворот му го заменила со домашен, Камчев требало да стане заштитен сведок или да му биде понудена спогодба, да му се врати пасошот и тој да плати минимална штета за предметот „Империја“.
По половина час откако полицијата се врати да направи дополнителен претрес во домот на Катица Јанева, пред нејзината куќа дојде и камионот.
Специјалната јавна обвинителка е исто така во нејзиниот дом, се уште не е изведена пред судија на претходна постапка, а пред нејзината куќа има полициско обезбедување.