Голем дел од учениците кои ноќта ја поминаа под шаторите покриени со најлони за да не накиснат, во кампот, пред зградата во која се наоѓа Министерствто за образование и наука, и покрај дождот минатата ноќ и студенилото не сакаат да си одат дома. Тие седат покриени со ќебиња, јадат сува храна, одлучни да издржат додека не се исполнат нивните барања.
– Имавме малку проблеми заради невремето, но некако се снајдовме, имавме повеќе шатори, реално немавме никакви други проблеми. Да, студеше, ама борбата за образованието е поважна, вели средношколец.
Уште кога се постави кампот, родители и граѓани им носеа на децата храна, овошје, вода за пиење, сокови, плински боци, ќебиња, а неколку нивни професори по работното време доаѓаат со кеси полни со храна.
– Не беше многу студено ноќеска, имавме ќебиња, во шатори бевме, имаме храна, пијалоци, санитарии, се’ што ни е потребно, тоа што вренеше не беше никаков поголем проблем, вели ученик кој ја поминал ноќта во средношколскиот камп.
За сигурноста на средношколците во текот на ноќта, освен полицијата се грижат и родителите кои се организирани во дежурства во смени за да бидат заедно со децата.
– Студено беше, врнеше, дуваше ветер, ама издржавме. Настинав, но ќе останам овде и понатаму, рече една средношколка.
Профосерот Душко Стојановски, кој постојано е со своите ученици вели дека во кампот се одвива богат живот со предавања и други активности.
– Смислуваат одговори на овие небулозни состојби што им се случуваат, па ги трансформираат во убави пароли и ги истакнуваат како написи, се држат, пеат, свират, енергијата да не им оди напразно. Разговараат за се’ она што им се случува, и тоа навистина сериозни и длабоки разговори, кои покажуваат колку овие денови довеле до тоа порано да покажат зрелост, вели Стојановски.
Денеска е трет ден како средношколците 24 часа поминуваат под отворено небо.
А.Б.