Студенти и средношколци денес, четврти ден по ред, продолжија со протестите против владата во Албанија. Демонстрациите се проширија од Тирана во неколку други градови, каде што дојде до судири со полицијата, употреба на солзавец и оштетување на јавниот имот.
Во Тирана, млади луѓе од главниот град и од други делови на земјата се собраа и започнаа протестен марш кон Министерството за образование, барајќи промени во државата и оставка на премиерот Еди Рама.
Според албанските медиуми, протестите во главниот град на Албанија траат веќе четврти ден, а претходните три дена беа одбележани со тензии и судири меѓу демонстрантите и полицијата.
За време на денешните демонстрации, според медиумските извештаи, полицијата употреби солзавец против присутните пред Министерството за образование.
Насилството ескалираше во Корча, каде што демонстрантите запалија контејнери и ги изнесоа на улицата, додека некои од учесниците во протестот фрлаа камења и други предмети кон полицијата.
Судири меѓу демонстрантите и полицијата беа забележани и во Лежа, а според извештаите на локалните медиуми, едно лице изгубило свест на тротоарот, додека две девојки се повредени.
Демонстрантите урнаа огради долж тротоарите, оштетија сообраќајна сигнализација и запалија голем оган на влезот во градот, поради што сообраќајот беше привремено запрен.
Во Поградец, млади луѓе – и покрај претходните апсења и полициски интервенции – повторно се собраа на градскиот булевар и го продолжија протестот.
Демонстрантите извикуваа пароли како „Рама, поднеси оставка“ и „Рама во затвор, Бериша во затвор“, алудирајќи на премиерот Еди Рама и лидерот на опозицијата Сали Бериша.
Судири меѓу демонстрантите и полицијата беа забележани и во Валона.
Во Елбасан, млади луѓе – главно средношколци – ги напуштија часовите и излегоа на улиците, додека во Камза, средношколците повторно ги бојкотираа часовите и се обиделе да се упатат кон Тирана за да им се придружат на протестите во главниот град.
Нивниот марш беше запрен од полицијата, а на теренот беше забележано зголемено присуство на припадници на органите на редот.
Демонстрациите започнаа пред четири дена во Тирана, а веќе вториот ден се проширија и во други градови во Албанија.
Во изминатите денови, протестите беа проследени со судири со полицијата, апсења и оштетувања на јавен и приватен имот, при што, според медиумските извештаи, десетици демонстранти и полицајци се здобиле со повреди.
