Во Мобилната монтажна галерија е отворена изложба на фотографии од проектот Фото Глас.
Оштетениот мост „Гемиџии“ во Велес, акции за чиста вода во Гевгелија, заштитни капаци на светилки поставени од активистите наместо од надлежните, прослава на роденден на една дупка на пат, скулптура во чест на искршените автомобили.. За само два месеци преку алатките на Фото глас било иницирано решавање на 100-тина локални проблеми низ Македонија. Како што информираат од Фото глас, дваесетина се веќе решени и уште толку се во фаза на решавање или е ветено нивно решавање, за останатите борбата за решавање продолжува.
– Имаме два вида резултати: едниот вид е над 150 закрпени разни дупки и шахти по улиците, поправени електрични инсталации, асфалтирани десетина улици кои досега не биле асфалтирани, поправени три четири мостови, започнатаи санации на некои поголеми работи, како мостот во Велес, иницирани поголеми акции како што е иницијативата со водата во Гевгелија, како што е свлечиштето кај Кратово итн. Тоа се директните резултати, но она што е многу значајно дека во цела Македонија се’ повеќе се користи фотографијата како иницијатор за решавање на проблеми, односно диретно претставување на проблемот на визуелен начин, на кој што не може да се даде контра аргумент. Задоволни сме што им покажавме на луѓето дека преку социјалните мрежи може да се иницираат промени само со една обична фотографија снимена со мобилен телефон која што јасно и експлицитно ги претставува проблемите и ја вклуќува јавноста во нивно решавање, вели Никола Писарев за А1 он.
Изложбата се состои од 30 фотографии снимени како дел од проектот, а најголем дел се фотодокументација на различни проблеми кои ги мачат заедниците и граѓаните на местата на кои се снимени и за кои подоцна е реагирано за да се изнајдат решениja за нивно решавање.
Покрај фотографии на локални проблеми, изложени се и фотографии од акциите спроведувани во рамките на проектот „Фото глас“.
А.Б.