(ВИДЕО) Граѓаните до Богдановиќ: Да исечете цел дрворед е рамно на злосторство

Од:

„Да исечете цел ред прекрасни дрвја е рамно на злосторство“, револтирано коментира еден од граѓаните пред камерата на „А1он“ кога утрово на улицата „Максим Горки“ беа отстранети сите 13 стебла јапонски цреши. Скопјани го осудија ваквиот потег на локалната власт и сметаат дека на овој начин е уништена една од најубавите улици во центарот на градот.

На градоначалникот Богдановиќ му порачаа да престане да ги уништува зеленилото и дрвјата потсетувајќи го дека пред да дојде на функцијата ветил дека нема да сече дрвја.

„Пред да дојдат на власт – ветуваат едно, а кога ќе дојдат, го прават спротивното. Немам коментар за ова што го направија“.

„Не можам да сфатам и се прашувам кому му сметаа овие дрвја, зошто се сече нешто што е убаво. Не знам, сè уште не ми е јасно“.

„Ова е катастрофа. Очигледно не се почитува волјата на граѓаните. Не ни останува ништо друго, освен да си одиме во странство, некаде каде што има зеленило“.

„Ако биле стари и ако засади нови веднаш, тогаш е во ред, во спротивно го осудувам сечењето“, ова се некои од изјавите на граѓаните што ги затекнавме додека комуналците ги расчистуваа гранките и остатоците од исечените дрвја.

Сечата на јапонските цреши скопјани ја осудија и на социјалните мрежи. Владимир Милчин обвини дека сечењето на дрвјата не е дека биле стари како што велат локалните власти, туку дека им сметале на новопечените бизнисмени, кои кренаа згради и деловни објекти во овој дел на градот.

„Паднаа јапонските цреши. Сабајлево. Соголена е најубавата улица. ‘Горки’. Без најава. Го прашувам еден од работниците кој им наредил да сечат, ми вели: Зоран Заев. Градоначалникот Богдановиќ ми вели дека дрвјата биле болни и дека ќе насаделе нови! Пролетоска речиси сите процутеа… ‘Вишновата градина’ од Чехов завршува со сечење на вишните што му пречат на новопечениот богаташ Лопахин, претходник на Азманов, и сличните нему. Црешите паднаа, монструмот на ‘Настел’ се крена. Затоа не верувам дека црешите биле болни и дека ќе насаделе нови. Колку грд ден! ‘Варвари’ од Максим Горки на улицата Максим Горки. И насекаде околу нас!“, напиша Милчин на „Фесјбук“.

Од Општина Центар за исечените јапонски цреши на улицата Максим Горки информираа дека биле стари и болни и на нивно место в понеделник ќе бидат засадени нови, кои ги донирале вработени од Европската банка за обнова и развој.

Би можело да ве интересира

Прва работилница во Општина Центар од кампањата на „Макпетрол“ против врсничкото насилство

„Шанса за Центар“: Шверцерски вметнати нови објекти во ДУП-от за Стара железничка станица

Горан Наумовски

Утре во Скопје ќе има протест и марш, МВР со посебен сообраќаен режим

Горан Наумовски

Општина Центар затвори нелегално градилиште на булеварот „Никола Карев“

„Шанса за Центар“ предупредува: Повторно со техничка исправка на план ќе се гласаат два ката плус спроти стара Градска болница

Маја Илиевска-Пачемска

Комисија од Центар ги запишува покривите што летаа во невремето и поплавените простории