ВИДЕО: Бугарската полиција ја разби блокадата пред Парламентот

Од:

Бугарската полиција рано изутринава ја разби блокадата пред зградата на Парламентот, која ја поставија демонстрантите и безбедно изнесе повеќе од 100 блокирани, меѓу кои тројца министри, пратеници, триесетина новинари новинари и претставници на синдикалните организации, кои беа заробени во објектот околу девет часа.

Полицајците со штитови околу три часот изутринава успеаа да ги разбијат антивладините демонстранти и ги принудија да се повлечат, како и да формираат кордон, кој спречи секаков пристап до зградата на Парламентот во центарот на Софија.

Претставниците на медиумите, кои беа заробени во Парламентот потврдија дека од зградата најпрво се изнесени тројца министри, како и пратеници од владејачката Социјалистичка партија, а потоа и нивните партнери од партијата на турското малцинство.

Во парламентарната зграда беа блокирани министерот за економија и енергетика Драгомир Стојнев, министерот за финансии Петар Чобанов, и министерот за труд и социјална политика Хасан Адемов.

Зградата целосно беше испразнета во пет часот изутринава, кога полицијата со тешка машинерија почна да ги остранува барикадите, кои ги поставија демонстрантите, а станува збор за клупи од паркови, контејнери за отпад и камени плочи од плочниците.

Повеќе стотици демонстранти го блокираа синоќа влезот на бугарскиот Парламент, се судрија со полицијата, спречувајќи ги пратениците да излезат од Парламентот, при што полесно се повредени осум демонстранти и двајца полицајци.

Извикувајќи „Мафија“ и „Оставка“, противниците на Владата која ја водат социјалистите, фрлаа пластични шишиња и други предмети врз добро обезбедуваниот автобус, со кој синоќа околу десет часот беше направен обид за изнесување на пратениците и министрите од собраниската зграда, каде тие дебатираа за ребалансот на буџетот. По неколку обиди да го напушти просторот околу Парламентот, автобусот пратениците ги врати во Собранието

Бугарскиот претседател Росен Плевнелиев апелираше синоќа за смирување на ситуацијата и избегнување на провокации.

Демонстрантите синоќа, 40-ти ден по ред се собраа во центарот на Софија во знак на протест поради корупцијата и сиромаштијата, повикувајќи ја Владата на Пламен Орешарски, предводена од социјалистите, да поднесе оставка.

Во меѓувреме, приврзаници на Владата одржаа контрапротести пред Националната палата на културата, а најавија дека на 25 јули ќе се соберат пред германската амбасада, а на 26 јули пред американската.

Бугарија доби нова Влада по предвремените избори кои се одржани на 12 мај, откако претходниот кабинет поднесе оставка по протестите против острите мерки за штедење.

Поставувањето на контроверзниот медиумски магнат Делјан Пеевски, на чело на Националната агенција за безбедност ја разгневи јавноста и доведе до протести, кои од 14 јуни досега секојдневно се организираат.

Одлуката за именување на Пеевски веднаш е поништена, но демонстрантите и натаму ја обвинуваат Владата дека е искорумпирана и бараат да поднесе оставка.

Би можело да ве интересира

Последиците од договорите со Грција и Бугарија се евидентни и сѐ уште не им се гледа крајот, вели Попов

Бојко Борисов ја повлече кандидатурата за премиер на Бугарија: Не сакам веќе да се занимавам со оваа уништена држава

Катерина Ѓуровски

Пратениците во новиот бугарски парламент не се договорија за претседател

Борисов: Победата на ГЕРБ-СДС е дефинитивна, се обврзавме да формираме влада

Бугарите викендов одат на седми предвремени избори во последните четири години, неизвесно е кој ќе биде иден мандатар

„Еуроњуз“: Зошто обновените тензии со соседите ја закочија Северна Македонија во ЕУ?