Вработените на петте јавни универзитети на мирен протест побараа потпишување на колективен договор и изедначување со УКИМ

Од:

Потпишување на колективен договор на петте јавни универзитети и изедначување на правата, обврските и одговорностите со Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“-Скопје побараа на денешниот мирен протест членовите на синдикатите на универзитетите во Битола, Тетово, Штип, Охрид и „Мајка Тереза“ во Скопје.

Тие го поздравија потпишувањето и спроведувањето на колективниот договор на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ од Скопје, но истовремено укажаа на нееднаквиот статус на останатите пет јавни универзитети во земјата. Сметаат дека се игнорирани и дискриминирани од Владата и Собранието во однос на УКИМ, чии вработени со потпишаниот колективен договор од овој месец ќе добијат зголемување на платите за околу 22 отсто.

Вработените во Универзитетот за информатички науки и технологии „Свети Апостол Павле“ од Охрид упатија порака до надлежните институции дека спроведуваат дискриминација кон нив и останатите четири јавни високообразовни институции.

– Ние имаме ист статус и извршуваме идентична општествена дејност. Со овој протест сакаме да го искажеме нашето незадоволство и воедно бараме потпишување и на нашите колективни договори или изнаоѓање законска рамка за пристапување кон колективниот договор од УКИМ. Во спротивно, во координација со останатите четири јавни универзитети во државата ќе ги дефинираме следните чекори за продолжување на овој штрајк, се до исполнување на нашите барања, рече Игор Јовески, претседател на синдикатот на вработени на Универзитетот „Свети Апостол Павле“ од Охрид.

Поддршка на синдикатот на битолскиот Универзитет „Свети Климетн Охридски“ му даде ректорот Игор Неделковски, кој нагласи дека денеска во посета бил техничкиот премиер Талат Џафери, на кој му предочил дека ваквата ситуација, без разлика кои се причините, значи не само правен акт на дискриминација, туку и девалвација.

– Професорите, вработнеите и студентите на сите јавни универзитети се вработуваат под еднакви услови и извршуваат еднакви работни задачи. Оваа состојба значи дека нашите професори и вработени се 22 проценти помалку вредни од професорите на УКИМ. Но, што е уште пострашно тоа води кон тоа дека нашите студенти посетуваат 22 отсто понеквалитетна настава, бидејќи добиваат знаење од професори и вработени, кои се за 22 проценти помалку платени од своите колеги, рече Неделковски.

Тој кажа дека добил порака од претседателот на Собранието Јован Митрески во која било наведено дека на денешната координација на пратеничките групи донеле одлука да предложат измени на Законот за високо обраозвание, со кои ќе се регулира коефициентот за исплата на плата на вработените во јавните високообразовни установи, со што ќе се обезбеди соодветно покачување на платите на сите.

И вработените во Државниот Универзитетот во Тетово, меѓу кои и тројца актуелни пратеници, пред зградата на Ректоратот го изразија незадоволството за непотпишувањето на колективните договори и побараа од Собранието, пред да се распушти да се потпише колективниот договор.

– На претседателот на синдикатот му дадовме една копија за дополнување на Законот за високо образование. Воедно, да се солидаризираме со протестот и да понудиме решение затоа што сме дел од ова семејство, но и сме дел од политиката и да најдеме решение за ова прашање. Ова е сè уште отворено прашање, но очекуваме оваа недела да се донесе Предлог одлука, изјави Арбр Адеми.

Синдикатите, според претседателот на Универзитетот во Тетово, Шефкет Дехари, се обединети и го делат истото мислење дека непотпишувањето на колективниот договор со петте јавни универзитети и пресметување на платите на вработените се игнорирани и дискриминирани од Собранието и Владата.

– Го поздравуваме потпишувањето на колективниот договор-меѓу претседателот на Собранието и Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ Скопје, и како резултат на ова и одлуката на Владата за зголемување ни платите на вработените на овој универзитет, но во исто време им порачуваме на овие институции дека применуваат двојни стандарди, дискриминација и нееднаквост кон другите петте јавни универзитети земјава, бидејќи за сите универзитети важи истиот Закон за високото образование, затоа и приходите на вработените на овие универзитети мора да бидат еквивалентни, истакна Дехари.

Претседателот на синдикатот при Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип, Андон Мајхошев посочи дека бараат начин како да се изедначат правата, обврските и одговорностите на сите пет јавни универзитети во државата.

– Нашите активности се социјални, не е поврзано со политички партии. Нашите барања произлегуваат од потребите и интересите на вработените преку потпишување колективен договор на сите вработени, почнувајќи од хигиеничар, завршувајќи до титулата редовен професор. Изградивме солидарност и единство меѓу синдикатите на петте јавни унивезритети и нашите активности се во насока да ги оствариме нашите права и интереси, а тоа е да се зголеми платата на сите вработени преку потпишување на колективниот договор, изјави Мајхошев.

Порака дека надлежните спроведуваат двојни стандарди, дискриминација и нееднаквост беше испратена и од протестот пред Универзитетот „Мајка Тереза“ во Скопје, чиј претседател Авни Авдиу во изјава за МИА посочи дека го изразуваат својот став и негодување дека се игнорирани и дискриминирани од Собранието и на Владата, откако колективен договор е потпишан само со Универзитетот „Свети Кирил и Методиј’.

– Го поздравуваме спроведувањето на колективниот договор со УКИМ, но на надлежните им порачуваме дека истовремено спроведуваат двојни стандарди, дискриминација и нееднаквост бидејќи останатите пет јавни универзитет го уживаат истиот статус, реализираат иста општествена дејност со иста одговорност, а со непотпишување на колективниот договор неправедно се ставени настрана од државата. Здружени и обединети синдикатите со овој протест порачуваме дека настапуваме обединети, без никаква политичка боја, организирани за враќање на достоинството, интегритетот и правдата, вели Авдиу.

Доколку не бидат исполнети барањата на синдикатите на петте јавни универзитети идните активности ќе ги дефинираат во консултации со почирокото членство. На овие универзитети има 1.500 вработени, додека УКИМ има вкупно 3.200 вработени лица.

Би можело да ве интересира

УКИМ донесе Одлука за основање Фондација „Горан Стефановски“

Ристов: Непочитувањето на колективен договор на УКИМ е кршење на принципот на владеење на правото

Ќе се зголемува школарината за студентите: Предлогот за поскапување испратен до студентските собранија

Орце Костов

Професори од УКИМ бараат пријавата против ректорката Ангелова да биде приоритет за Антикорупциска

Катерина Ѓуровски

Професори од УКИМ поднесоа пријава до Антикорупциска против рекорката Биљана Ангелова

Уписи на УКИМ – слободни 10 473 места за бруцоши на 23-те факултети