Вашингтон Пост: Корените на нетрпеливоста меѓу Владимир Путин и Хилари Клинтон

Од:

Рускиот претседател Владимир Путин во неколку наврати ја обвини Хилари Клинтон кога таа беше државен секретар на САД дека се меша во внатрешните работи на Москва – и ако зад минатонеделната објава на хакираните мејлови на Демократскиот национален комитет преку Викилис стојат руските безбедносни служби, тоа многу ќе личи на одмазда на Кремљ, пишува Вашингтон Пост.

Дури и ако хакирањето било извршено од некој просечен разузнавач што постапувал по сопствена иницијатива, надевајќи се дека ќе го задоволи шефот, објавата, која се чини дека покрена низа прашања во врска со легитимноста на номинацијата на Клинтон, е директен одговор на поплаките на Путин за неа.

Критичарите на Кремљ долго време истакнуваат дека Путин во време на стрес обожава да игра на „картата Америка“. Во декември 2011 година во Москва избувнаа неочекувано големи протести по парламентарните избори, на кои се случи бесрамна измама, вели весникот. Клинтон, како државен секретар на САД, ги нарече изборите „ниту слободни, ниту фер“, а Путин ѝ скокна за тој напад врз Русија, а со тоа и врз него.

„Таа им го наметна својот тон на некои од нашите јавни личности во земјата, испрати сигнал до нив“, рече Путин. „Тие го слушнаа овој сигнал и почнаа активно да работат со поддршка од американскиот Стејт департмент.“

Остатокот од таа зима дојде до остри напади врз САД, а Путин беше во екот на својата сопствена кампања за претседателските избори. Во годината потоа, некои од најсилните антиамерикански чекори на Русија беа само индиректно поврзани со Клинтон – протерувањето на УСАИД, исфрлањето на Радио Либерти од AM-фреквенцијата, малтретирањето на тогашниот американски амбасадор Мајкл А. Мекфол.

А кога Конгресот во 2012 година го протурка Законот за Магнитски, воведувајќи туристички и банкарски санкции кон некои руски официјални лица за кои се сметаше дека се корумпирани или дека ги прекршуваат човековите права, Москва бесно одговори со закон за забрана за посвојување руски деца од страна на Американци. Клинтон не зборуваше многу за законот, а Белата куќа првично се обиде да го одврати.

Сепак, Клинтон беше лицето на американската дипломатија. Нејзината јавна поддршка за демонстрантите против Путин и американските санкции кон руски претставници поради гонењето и смртта на Сергеј Магнитски, информатор-свиркач, заедно погодија директно во најранливата точка на Путин – неговиот легитимитет, како што тогаш рече Виктор Кремењук, заменик-директор на Институтот за американски и канадски студии во Москва.

Клинтон, исто така, силно притисна за интервенцијата во Либија во пролетта и летото 2011 година, од што Путин беше вџашен, сметајќи го за неоправдано мешање во суверенитетот на друга нација. Откако таа се повлече од функцијата државен секретар на САД, отиде во сензационална посета на Јалта – во 2013 година, кога таа сè уште беше дел од Украина – за да го поддржи потпишувањето на договорот на Украина со Европската Унија. Путин се надеваше дека ќе ја присили Украина да се приклучи во неговата Евроазиска економска унија, која Клинтон ја нарече обид „повторно да се советизираат“ областите од поранешниот Советски Сојуз.

Тој коментар и некои други „беа делумно употребени за домашни политички цели“, изјави во средата Семјуел Чарап, виш научен соработник во Институтот за стратегиски студии во Вашингтон. „Таа стана лесно жртвено јагне“.

Руските лидери, рече тој, ги сметаат „ставовите вградени во овие коментари како знак дека широкиот американски политички естаблишмент тргнал по нив“.

Проруските аналитичари укажуваат дека кога Бил Клинтон беше претседател, се обидел да ја насочи Русија кон нови политички, правни и економски принципи и дека главно не успеал во тоа. Тие се загрижени дека Хилари Клинтон ќе проба да продолжи таму каде што тој застанал. Кога го прашаа за неа минатата пролет, Путин рече: „Што би рекле ние, мажот и жената се исти ѓавол.“

Во изминатите неколку месеци руските медиуми наведуваа дека Доналд Трамп би бил подобар за Русија од Клинтон, поради неговиот привиден принцип на нечепкање во Источна Европа и неговата изразена желба да го испреврти американскиот политички естаблишмент.

Но Игор Иванов, поранешен министер за надворешни работи на Русија, советува претпазливост. Сега претседател на Советот за надворешни работи на Русија, тој месецов напиша:

„Обично е полесно да се постигне договор со искусни професионалци, дури и ако тие се крути преговарачи и тешки партнери. Тие се предвидливи, рационални и се свесни за своите ограничувања. Со некој ‘дојденец’ во меѓународната политика обично е потешко да се работи: недостигот од искуство често се претвора во непостојано и непредвидливо однесување; тоа води до субјективни, емоционални и понекогаш погрешни одлуки, кои подоцна може да биде многу тешко да се поправат.“

Чарап вели дека е малку веројатно дека Кремљ е одговорен за објавувањето на мејловите на Демократскиот национален комитет – за хакирањето да, но не и за објавата, бидејќи се чини дека тоа не е својствено за Русите. Сепак, рече тој, руските официјални лица може да кажат, ‘Ова е она што САД го прават насекаде. Вие, момци, со години обучувате опозициски активисти. Која е разликата?’ Се разбира дека постои разлика.“

Трамп во средата на прес-конференција посочи дека би бил задоволен кога Русите би се докопале до уште мејлови на Клинтон. Тоа звучеше како необична покана за Москва да се вмеша во американските избори.

Но која е долгорочната корист на Путин? Лилија Шевцова, руска политичка аналитичарка и жесток критичар на Путин, запраша што би можела Русија да добие од инцидентот. Сомнежот природно паѓа на Москва, напиша таа, и ако се покаже дека руските разузнавачи стојат зад хакирањето, САД ќе треба да сторат нешто околу тоа. Кај Клинтон тоа нема лесно да помине, напиша таа, а ако биде избран Трамп, дури и тој ќе се чувствува принуден да ја докаже својата спремност да му се спротивстави на Кремљ.

Би можело да ве интересира

Путин: Целосно ќе го расчистиме Курскиот регион

А1он

Путин: Се надевам дека Западот ме слушна

А1он

Хилари Клинтон: Трамп ќе се обиде да го повтори нацистичкиот собир во Њујорк од 1939 година

(ФОТО) Путин ја претстави замената на доларот – една банкнота за земјите членки на БРИКС

А1он

Трамп му честиташе на Путин за размената на затвореници

A1on

Зеленски за прв пат се огласи за гафот на Бајден и „претседателот Путин“

A1on